Карлос Алкараз ја продолжува одбраната на титулата на Вимблдон по последниот триумф над Рубљов со кој шпанскиот тенисер стигна до четвртфиналето на најславниот тениски турнир во светот. Слично како и на претходните мечеви, Алкараз не блескаше, му третпат во овие четири дуели му се случи да загуби и сет, но Карлос покажа квалитет во клучните моменти и заслужено стигна до победата.
Рубљов прв стигна до брејк во првиот сет, но Алкараз успеа да се врати, по што се играше тајбрејк. Шпанецот имаше 5-3 во своја корист, но рускиот тенисер одигра неколку одлични поени, шокирајќи го фаворитот за предност од 0-1 во сетови. Русинот делуваше сигурно на поголемиот дел од гејмовите на свој сервис, но секогаш кога ќе му се укажеше шанса Алкараз беспрекорно ја користеше, најпрвин стигнувајќи до брејк за 6-3 во вториот, а потоа и за 6-4 во третиот сет.
Рускиот тенисер како да загуби здив, а Алкараз го искористи тоа за да стигне и до брејк во раната фаза од четвртиот сет, трасирајќи си го патот до конечна победа (6-4).
Негов следен противник ќе биде домашниот миленик Камерон Нори, кој славеше во маратонската битка со Чилеанецот Јари со 3-2 во сетови. Нори имаше предност од 2-0, чилеанскиот тенисер успеа да се врати и да израмни, но Британецот беше подобар кога беше најважно, триумфирајќи во петтиот сет со 6-3 за пласман во четвртфиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА