Алкараз: Не е време да се плашам од Ѓоковиќ, ќе играм финале на Вимблдон

Карлос Алкараз продолжува да испишува нови страници во својата кариера откако шпанскиот ас се пласираше во големото финале на Вимблдон. Тој денеска за противник го имаше силниот Данил Медведев, но шпанскиот тенисер му одржа лекција на Русинот, декласирајќи го со максимални 3-0 во сетови.

По мечот, Алкараз не го криеше воодушевувањето што за првпат во кариерата ќе играа за трофејот на најреномираниот тениски турнир во светот.

„Ова за мене е сон, да стигнам до финалето. Искрено, не можам да верувам, не можам да опишам колку уживам… Воопшто не беше лесно против Медведев како што покажува резултатот, морате цело време да сте фокусирани бидејќи Данил се бореше до последниот поен. Морав да го одиграм својот најдобар тенис во тешките моменти, бев агресивен, оној вистинскиот ас и тоа беше клучно да го завршам третиот сет за конечна победа“, изјави Алкараз.

Големото финале ќе биде празник за сите тениски љубители, Алкараз за ривал ќе го има Новак Ѓоковиќ, кој делува непобедливо на Вимблдон со четири титули во низа.

„Што да кажам? Сите знаат каква легенда е Новак. Јас ќе се борам, верувам во себе, верувам дека можам да славам и во ова финале. Ќе играм финале на Вимблдон, така што не е време да бидам исплашен од Ѓоковиќ. Ќе видиме што ќе се случува, знам дека предизвикот е огроман, но јас сум благодарен што воопшто ќе имам шанса да одговорам на него“, прокоментира шпанскиот тенисер.

Се вчитува...