Алонсо останува во Алпин и следната година: Се почувствував како дома од моментот кога се вратив

Фернандо Алонсо и во следната сезона ќе вози за Алпин. Шпанскиот возач претходното лето потпиша договор за едно годишна соработка со можност за продолжување на истата, а сега е потврдено дека останува во тимот.

Францускиот тим кој е во Формула 1 од оваа година воедно е и директен наследник на Рено, тимот кој Алонсо го предводеше до две шампионски титули во 2005 и 2006 година.

„Се почувствував како дома од моментот кога се вратив. Сите ме пречекаа со раширени раце и задоволство е повторно да соработувам со некои од најбистрите умови во нашиот спорт. Ова беше незгодна сезона за сите нас, меѓутоа покажавме напредок како тим, а резултатот во Унгарија е илустрација на тој напредок. Ќе продолжиме да работиме добро и до крајот на сезоната, но поважно е како ќе се прикажеме следната година кога ќе дојдат и промените во Ф1. Отсекогаш ја негував идејата сите да имаат идентични услови, а промените ќе го овозможат тоа“, изјави Шпанецот.

Се вчитува...