Алушовски бара „бомбардер“, преговорите се во тек

Анте Гаџа и Јосип Векиќ нема да бидат последните засилувања за бековската линија на Вардар, откако тренерот Стевче Алушовски јасно ставил до знаење дека му се неопходни нови ракометари за да состави конкурентен тим со кој ќе одговори на предизвиците во Лигата на шампионите. Стратегот на „црвено-црните“ го има „пикирано“ и идеалното засилување за овој преоден рок – Хрватот Ловро Јотиќ.

Станува збор за играч со кого Алушовски имаше беспрекорна соработка додека беше тренер на битолски Работник, „бомбардер“ со извонреден шут кој сигурно би им бил од помош на „црвено-црните“ во сезоната во која ги очекуваат сериозни предизвици во ЛШ и во СЕХА. Јотиќ си замина од Пелистер и веќе договори преселба во Бенфика, но португалскиот гигант во меѓувреме се соочи со финансиски проблеми поради кои Хрватот сега повторно размислува за враќање во Македонија.

Крајот на оваа недела е последниот рок во кој Бенфика треба да ги извести ракометарите за судбината на нивните договори (дали договорените услови остануваат валидни, или ќе има намалување на платите, со тоа и можност за заминување на оние кои имаат подобри понуди). Неофицијално, Јотиќ е задоволен од она што го има добиено како понуда од Вардар, па доколку добие зелено светло од Бенфика, тој ќе прифати преселба во Скопје за настап во ЛШ и атак на трофеи на македонската ракометна сцена.

Се вчитува...