Алушовски го избра Кантегрел пред Кизиќ за Загреб

Стратегот на Вардар, Стевче Алушовски, го избра тимот за претстојниот полуфинален натпревар од СЕХА-лигата против Загреб што ќе се игра вечерва со почеток во 20.30 часот.

Францускиот интернационалец Робин Кантегрел ќе го има своето официјално деби во дресот на Вардар откако овој голман доби шанса пред младиот и талентиран Марко Кизиќ. Кантегрел не беше во тимот на реваншот против Нексе, но Алушовски реши да му даде шанса против Загреб, најверојатно како резервна опција за Борко Ристовски, кој се очекува да стартува од првата минута и на вечерашниот натпревар.

Вториот ракометар кој отпадна од поширокиот список на „вардарци“ во Задар е младиот пивот Гашовски, па во ситуација кога е отсутен и капитенот Стоилов, тренерот Алушовски ќе може да смета на двајца ракометари на оваа позиција, Валчак и Калараш.

ВАРДАР: Ристовски, Кантегрел, Валчак, Јагуриновски, Димитриоски, Георгиевски, Дисингер, Јотиќ, Калараш, Гаџа, Чупиќ, Талески, Дибиров, Вујин, Векиќ, Мишевски.

ЗАГРЕБ: Јандриќ, Ашанин, Вистороп, Мраковчиќ, Мандиќ, Божиќ Павлетиќ, Буриќ, Вуглач, Обрадовиќ, Стојниќ, Божовиќ, Матановиќ, Хрстиќ, Млакар, Граховац, Влах.

Се вчитува...