Алушовски: Имаме нови проблеми пред Монпелје, но тоа нема да ни биде изговор

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Стевче Алушовски, е свесен дека неговиот состав го очекува тешка битка против Монпелје во обид да се искачи назад на петтото место во групата. Финансиските проблеми останаа, ветувањата од газдата не го намалија незадоволството меѓу ракометарите, кои сепак се обидуваат да соберат сили и да покажат се што знаат и умеат на теренот против поранешниот европски првак.

„Наша примарна цел беше пласман во осминафиналето, нешто што успеавме да го оствариме. Сега играме со Монпелје, исклучително тежок противник кој сигурно ќе ја има фаворитската улога. Она што јас го барам е да го дадеме максимумот на терен, ние сме домаќини и актуелни европски прваци, но со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме нереално е да кажеме дека ние сме фаворити“, изјави Алушовски.

Тој откри дека се соочил и со дополнителни проблеми со составот во пресрет на натпреварот со францускиот гигант.

„Калараш и Горбок имаа вирус, не можеа да тренираат, а во отсуство на овие двајца ракометари не можевме да одработиме квалитетен тренинг. Сепак, можам да кажам дека тоа нема да биде изговор за нас бидејќи ќе сториме се за да одиграме добар натпревар“, истакна стратегот на Вардар.

Се вчитува...