Бранителот на трофејот во ракометната Лига на шампионите, Вардар, в среда ја отвора новата епизода во елитното натпреварување. Сезоната ја почнува со гостувањето кај Мешков Брест во првото коло од конкурнецијата А од шампионската лига. Вардар покажа сериозни слабости во подготвителниот период и во завршницата од СЕХА лигата, но тренерот, Стевче Алушовски, смета дека „црвено-црниот“ табор е подготвен за предизвикот во Брест каде тимот ќе го пречека Сташ Скубе кој направи трансфер во белорускиот тим.
„Натпреварот со Мешков е прв во низата од оние кои ни следуваат во Лигата на шампионите. Се она што досега го одработивме беше подготовка за овој дуел. Имавме големи проблеми на сите пријателски средби, па и на Ф4 турнирот во Задар, особено во играта во напад. Задоволен сум од она како се подготвуваме за овој меч. Мешков е наш стар познаник, долги години игра на Ф4 турнирите во СЕХА лигата и сериозен противник во ЛШ. Со доаѓањето на Скубе мислам дека добија квалитет плус. Тоа е сериозна екипа која игра на домашен терен и ја има благата фаворитска улога. Она што очекувам од нас е да го подигнеме нивото на играта во напад. Имавме можност да ги анализираме, да ги гледаме на Ф4 турнирот во Задар, и мислам дека подготвени ќе го дочекаме овој меч. Ќе дадеме максимум и ќе се обидеме да се вратиме со поволен резултат од Брест“ – вели Алушовски.
Вардар утре патува за Брест. Првиот домашен натпревар нашиот тим ќе го одигра на 24-ти месецов кога во Скопје гостува Елверум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА