Алушовски: Мораме да учиме од грешките, некои играчи се неодговорни

Вардар со многу среќа успеа да стигне до место на фајналфор турнирот во СЕХА-лигата, но изданието на синоќешниот реванш против Нексе не дава преголема причина за оптимизам пред патувањето за Задар. Свесен за тоа е и тренерот Стевче Алушовски, кој не крие дека очекува далеку подобри изданија на „црвено-црните“ во наредниот период.

„Бевме посреќна екипа од Нексе. Бевме многу неодговорни во ситуација седум на шест и фрливме многу топки во бунар. Мислам дека е недопустливо за Вардар кој има големи амбиции, за некои играчи неодговорно да се однесуваат, иако во најдобра намера ги правеле грешките. Мораме да учиме од нив, и да играме секој ден се подобро. Ме радува фактот што Дисингер беше оној стариот, меѓутоа во вториот дел за 21 минута дадовме само пет гола, сето тоа поради наши технички грешки, но тоа е спортот и јас им честитам на момците за местото на Ф4. Се надевам дека таму ќе бидеме многу подобри“, истакна Алушовски

Улогата на херој неочекувано му припадна на полскиот пивот Патрик Валчак, кој блесна во завршницата постигнувајќи ги клучните погодоци за пласман на фајналфор турнирот.

„Го постигнав последниот одлучувачки погодок, но секој гол ја има истата вредност без разлика дали е постигнат на почетокот или на крајот. Ние сме на завршниот турнир а тоа беше нашата цел. Ќе продолжиме да работиме, овој натпревар ни покажа каде грешиме. Ќе ги анализираме грешките и ќе се обидеме да ги отстраниме”, порача полскиот интернационалец во дресот на Вардар.

Се вчитува...