Алушовски: Нема да биде лесно против Голужа

Ракометарите на Работник минатиот викенд ја забележаа историската прва победа во Лигата на шампионите, а битолските „фармацевти“ в недела ќе атакуваат на нов триумф. Второ коло по ред Работник е домаќин, овојпат на словачкиот претставник Татран Прешов, меч на кој битолскиот клуб ќе ја има фаворитската улога.

„Татран Прешов е искусна екипа, составена од репрезентативци на Словачка, интернационалци од Шпанија, Хрватска…Секоја година играат во Лигата на шампионите ии СЕХА лигата и сигурно нивната вистинска сила не е местото на табелата во нашата група. Сите шест екипи се изедначени, секој секого може да победи и против ниту една екипа не можете да кажете дека сте фаворит“ – изјави Алушовски.

Тој се уште има проблеми со повредите, па неизвесен е настапот на Јотиќ и на Стјепановиќ. Ривал на Алушовски на спротивната страна ќе биде поранешниот хрватски селектор Славко Голужа.

„Екипата е освежена, малку се одморивме од напорните патувања, но имаме проблеми со повредените ракометари. Неизвесни се Јотиќ и Стјепановиќ за неделниот натпревар, но без секого се може и се мора и кој и да настапи ќе го дадеме максимумот. Го анализиравме Татран и верувам дека ќе се радуваме на победа. Имаат искусна екипа, искусен тренер како Голужа, кој исклучително го ценам и нема да биде лесно. Нашите шанси за пласман во следната фаза се минимални, но уште постојат и не сме се предале од идејата дека сме екипа која може да игра со најдобрите“, рече Алушовски.

Се вчитува...