Алушовски по Вардар стана тренер на исландски второлигаш

Стевче Алушовски по заминувањето од клупата на Вардар се реши за прв интернационален предизвик во кариерата, откако Македонецот реши да замине во далечниот Исланд, како тренер на второлигашот во оваа земја, Тор Акурејри.

Алушовски го водеше Вардар во турбулентната сезона исполнета со проблеми поради коронавирусот, успеа да освои двојна круна, но летово сепак беше заменет со Веселин Вујовиќ. Тој најавуваше дека е заинтересиран за ангажман надвор од границите на Македонија, за на крајот да ја прифати понудата за преселба во Исланд.

Тор е клуб што минатата сезона за првпат испадна од елитното друштво, а желба на управата е под водство на Алушовски експресно да се врати во Првата лига.

„Го ангажиравме Алушовски за да почнеме од почеток. Секој човек кој гледа ракомет треба да е свесен дека ние сме сериозни за иднината на ракометот во селото. Сите кои сме членови на управата седнавме и увидовме дека е време за „ресетирање“. Во тимот имаме млади и талентирани играчи, но и неколку искусни ракометари. Оние помладите ќе добијат одлична можност да работат под водство на одличен стратег“, изјави претседателот на Тор, Арни Рунар Јоханесон.

Се вчитува...