Алушовски: Повторно истото, нашите грешки не чинат победа во Лигата на шампионите

Вардар повторно не успеа да дојде до триумф во Лигата на шампионите одигрувајќи само нерешено на домашен терен против Елверум 34-34.

Тренерот на „црвено-црните“ Стевчо Алушовски вели дека повторно се случи истото како и на претходните натпревари, грешките доведуваат до тоа Вардар на крајот да не се радува на победата.

„По секој натпревар доаѓаме на истото дека промашуваме клучни шутеви. Знаеме дека Елверум игра одлично во транзиција. Во првото полувреме тоа го спречивме тоа најдобро и мислам да примиш 21 гол во едно полувреме во Лига на шампиони е недозволиво. Во вториот дел благодарение на Кизиќ дојдовме и до позитива од четири гола, но повторно нашите грешки не чинеа многу. Престатични беа нашите бекови на нивната игра во одбрана 5-1. Се надевам дека во среда ќе дојдеме до победа“, изјави Алушовски. 

Најдобриот играч на Вардар на теренот, голманот Марко Кизиќ кој забележа 13 интервенции на крајот беше незадоволен бидејќи прими гол буквално во последната секунда, велејќи дека ја имал топката, но за жал тоа е спортот и таа успеа да влезе во неговиот гол.

„Во првото полувреме игравме лошо. Ни недостигаа голмански одбрани во прво полувреме и тоа доведе да примиме 21 гол. Во второто полувреме заигравме подобро во одбраната, но повторно истото ни се случува. Не успеав да ја фатам последната топка и тоа е на крајот повторно не победивме. Сакам да им честитам на Елверум за добриот натпревар и се гледаме во среда“, изјави Кизиќ. 

Се вчитува...