Алушовски: Против Кокс да стигнеме да првата историска победа во ЛШ

Ракометниот вицешампион на Македонија во недела го пречекува финскиот Кокс во четвртото коло во Лигата на шампионите. Тренерот на „фармацевтите“ Стевче Алушовски ветува дека и покрај проблемите кои ги имаат со повреди, верува дека неговиот тим ќе стигне до првата историска победа во елитното натпреварување.

„Уморни сме и повредени, но спремни за тежок дуел со Кокс. Повредени се Маркоски, Стјепановиќ и Јотиќ и без нив ќе биде исклучително тешко да се игра. Но, тоа не значи дека нема да се обидеме да дојдеме до првата историска победа во Лигата на шампионите.Кокс е екипата која три години игра заедно и не смееме ниту да ги потцениме, ниту да ги прецениме. Минатата сезона го изненадија Флензург и тоа треба да ни биде предупредување. Сезонава играат со големи осцилации, првите два натпревари играа многу слабо, па го победија Татран“, изјави Алушовски. 

Капитенот на тимот Гоце Ојлески вели дека жали за пропуштените шанси од минатите мечеви и овојпат нема да ја пропуштат шансата да триумфираат.

„Жалиме за пропуштените шанси на претходните три натпревари, но сметам дека на овој дуел имаме шанси за победа. Имаме проблеми со повредени ракометари, уморни сме, но системот и календарот се такви. Сите кои сме дел од составот ќе дадеме максимум и нема да ја испуштиме шансата да славиме победа“, вели Ојлески.

Натпреварот во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за во недела во 17 часот.

Се вчитува...