Алушовски: Ракометарите немаат храброст, штом губат на ваков начин кога имаат полна сала поддршка

Стратегот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски сосема очекувано и тоа како беше разочаран по четвртиот пораз на неговиот тим во Лигата на шампионите и тоа повторно со само еден гол разлика.

Еурофарм имаше извонредна поддршка од полната сала во Битола, имаше и предност од четири гола на 15 минути до крајот, но ракометарите на крајот загубија. Сето тоа е неразбирливо и за Алушовски кој смета дека неговите избраници немаат неопходна храброст.

„Може да им честитам на ракометарите за борбеноста но не и за храброста која недостасува. Навистина не ми е јасно кога се игра пред полна сала во Битола да не се покаже машкост до крај, исцрпувачка желба за победа. Ние го носиме натпреварот до четири гола предност и потоа необјасниво се враќаме назад. Навистина ми е жал за сите навивачи, но ќе престои анализа па се надевам дека ќе бидеме поуспешни на следните натпревари“ – истакна Алушовски по натпреварот.

Еднакво е размислувањето и на Гоце Ојлески…

„Не знам што да кажам. Разочарани сме сите. Како да ни е судено да губиме на ваков начин. Имаме уште за играње пред нас и мора да најдеме мотив за победи до крајот, затоа што можеме“ – истакна Ојлески.

Се вчитува...