Шефот на стручниот штаб на Вардар, Стевче Алушовски, очекува добро издание од својата екипа на дуелот против Фленсбург во рамките од четвртото коло во Лигата на Шампионите. Главен проблем за „црвено-црните“ е што овој тим не се наоѓа во посакуваниот натпреварувачки ритам поради одложените средби со Елверум и со Пик Сегед, но Алушовски е оптимист дека неговите избраници ќе се покажат во вистинско светло и со максимален ангажман во текот на сите 60 минути ќе успеат да му го нанесат првиот пораз на германскиот тим, кој има максимални три победи по првите три кола во групата од елитното европско натпреварување.
„Пред нас е мечот со Фленсбург, за нас прв на домашен терен во ЛШ за оваа сезона. Знаете дека цел месец немаме одиграно официјален натпревар, секако дека Фленсбург е во предност бидејќи е во натпреварувачки ритам. Ние цел месец тренираме и се обидовме да одиграме две пријателски средби, но јасно е дека тоа не може да биде замена за силни натпревари од ЛШ. Она што го очекувам секако е, без разлика на се, една машка борбена игра од наша страна. Добро ги анализиравме, не сме без шанси без разлика што тие веќе го победија ПСЖ на гостински терен. Играме во нашата сала, ќе се обидеме да излеземе како победници од овој натпревар. За мене е многу важно пред се нашиот тим да биде подобар од она последно издание во Мешков. Ако го сториме тоа, мислам дека имаме шанси да се радуваме на крајот. И Фленсбург има свои проблеми, пред се со повредени играчи, немаат преголема ротација, но мала предност е што моментно се во подобра натпреварувачка форма. Тоа не значи дека ние нема да направиме се за да стигнеме до победата“, изјави стратегот на Вардар.
Дуелот меѓу Вардар и Фленсбург се игра утре со почеток во 20.45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА