Алушовски: Среќата беше на наша страна, но ова е само прво полувреме…

Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски, беше задоволен од победата на својот тим на гостувањето против Нексе, но и ги предупреди своите избраници дека не смее да се дозволи опуштање на реваншот во Скопје, бидејќи битката за место на Ф4 турнирот во Задар се уште не е завршена.

„Ова е само прво полувреме, пред нас е уште еден тежок натпревар на кој ќе мораме да одиграме на високо ниво за да се пласираме на фајналфор турнирот. Денеска и среќата беше на наша страна, немаше да биде незаслужено доколку Нексе славеше во самата завршница“, истакна Алушовски.

Десното крило Иван Чупиќ го пофали карактерот на „црвено-црните“ во период во кој клубот се соочува со сериозни проблеми.

„Имавме проблеми и на овој натпревар, но на крајот најдовме начин да дојдеме до предност и да искористиме дел од грешките што ги направија домашните ракометари. Мечот беше израмнет до самиот крај, ние бевме малку посреќни и тоа ни помогна да стигнеме до триумф“, изјави Чупиќ.

Реваншот од четвртфиналето во СЕХА-лигата меѓу Вардар и Нексе е закажан за 15 март во Скопје.

Се вчитува...