Алушовски: Струга ќе биде мерило за моментната форма на Вардар

Македонскиот ракометен гигант Вардар по пауза од шест години повторно ќе биде дел од турнирот во Струга, на кој „црвено-црните“ имаат вкупно 12 трофеи, но последниот го имаат освоено уште во 2007 година. За тренерот Алушовски, натпреварите во Струга се и можност за увид во сработеното и евентуални корекции во играта во пресрет на реваншот од СЕХА-лигата против Нексе, а потоа и отворањето на сезоната во Лигата на Шампионите.

„Бројките се само бројки. Вардар 1961 не учествувал одамна на турнирот. Сега сме повторно тука да играме и да се надигруваме. Презадоволен сум од работната атмосфера. Се работеше најмногу на физичка подготовка, а попладне и на тактика. Ни претстои уште доста за да дојдеме до посакуваното ниво за Лига на шампионите. Струга е прв турнир на кој ќе провериме се што работевме изминатиот период. Тука мислам на она што го вежбавме. Сите играчи ќе добијат шанса. Вардар 1961 како европски првак оди со цел да го освои турнирот во Струга“, вели Алушовски.

„Црвено-црните“ се наоѓаат во група со Бутел, Охрид и со Пелистер 2.

„Екипата на Охрид од лани ја знам. Се работи за квалитетен тим што не е за потценување. Пелистер 2 е млад тим со неколку искусни играчи кои имаа настапувно за посериозни екипи. Бутел е тим што е во врвот на домашното првенство. Овој момент е добро да играме вакви натпревари. Ние сме фаворити, но никого не потценуваме. Ова ќе биде вистинска проверка на се што сме работеле“, истакнува стратегот на „вардарци“.

Вардар првиот натпревар на овој турнир ќе го игра утре против Охрид, со почеток во 21.15 часот.

Се вчитува...