Стратегот на Вардар, Стевче Алушовски не го криеше задоволство од извонредната партија на неговите избраници и големата победа на „црвено-црните“ против Фленсбург во Лигата на шампионите.
Алушовски на прес-конференцијата по натпреварот нагласи дека се надева дека вакви игри на неговиот тим ќе има многу во иднина, истакнувајќи дека на сака многу да се осврнува и на постојаните критики на негова адреса изминатиов период околу начинот на кој го води тимот.
„Во Македонија секогаш сите сакаат да бидат паметни, посебно после војна. Јас само секогаш се обидувам најдобро да го водам Вардар, и да го пренесам тоа што најдобро го знам. Мислам дека момците одлично ме следат и верувам дека и во иднина ќе имаме вакви и уште подобри натпревари“ – истакна Алушовски, притоа дополнувајќи:
„Тоа што сакам да го кажам за нашиот тим, за играчите, за нашиот претседател, за нашите фанови дека ова е една голема победа која за во иднина ќе ни даде огромен мотив и крилја. Сакам да им честитам на ракометарите кои еден месец немаа никаков натпревар а денеска одиграа феноменално. Сега мора да го заборавиме сето ова затоа што за брзо не чека нов голем предизвик против Порто. Но ова се важни бодови во битката за обезбедување осминафинале во Лигата на шампионите“.
Слично размислување околу натпреварот истакна и Ловро Јотиќ…
„Ова беше навистина тежок натпревар кој доаѓа после една пауза од еден месец и повеќе во кој немавме натпревари. Но, одигравме одлично во текот на целиот натпревар и може само да честитам на моите соиграчи и стручниот штаб за одлично заокружениот натпревар“ – рече Јотиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА