Алушовски: Во Вардар никогаш не било полошо, во следните денови ќе се знае иднината на клубот

Актуелниот европски шампион Вардар уште една сезона ќе биде дел од нокаут фазата во ракометната Лига на шампиони, откако во 13. коло на домашен терен го декласираше Мотор Запорожје со 38-28. Тренерот на тимот Стевче Алушовски вели дека Вардар никогаш не бил во полоша ситуација, но токму поради тоа им симнува капа на ракометарите кои покажаа големи, пред се човечки квалитети.

„Честито на момците за прикажаното. Сум бил и порано во Вардар, но никогаш тимот не бил во полоша ситуација. Едноставно сакам да им честитам на момците за тоа што го направија денеска и тоа што го прават сите претходни години за тимот. Ова се големи пред се човечки квалитети кои ретко кој може да ги има. Уште еднаш големи честитки за сите за оваа победа. Не сакам да коментирам околу работи кои не се поврзани со мечот бидејќи тоа не е моја работа, но иднината на Вардар ќе се знае во следните денови“, изјави Алушовски.

Младиот Кукуловски одигра солидна партија за Вардар успевајќи да постигне два гола. Тој вели дека е задоволен од мечот и од тоа што „црвено-црните“ повторно ќе играат во осминафиналето.

„Им честитам на Мотор за одличната игра. Одлично е што успеавме пласман во осминафиналето. И уште денеска се подготвуваме за следниот меч“, изјави Кукуловски. 

Во следното коло Вардар го очекува гостински натпревар против португалскиот Порто.

Се вчитува...