Американецот Џонсон е „џокерот“ за титула на Докузовски

Ксавиер Џонсон е кошаркарот чиј трансфер Работнички се обидува да го финишира пред истекот на преодниот рок, со што овој Американец би бил значаен адут на „црвено-белите“ од Скопје во битката за одбрана на шампионскиот трофеј. На тренерот Докузовски и на клупската управа им беше јасно дека за битка со МЗТ им се неопходно нови имиња, а потрагата по странски засилувања го носи Џонсон многу блиску до „Градски парк“.

ЕКИПА дознава дека двете страни имаат постигнато начелен договор и се очекува до утре трансферот да биде комплетиран, пред самиот истек на преодниот рок за македонското првенство. Џонсон има настапувано во развојната НБА-Г лига, каде го носеше дресот на Тексас леџендс. Станува збор за кошаркар висок 201 сантиметар, кој настапува на позицијата крило, а го краси и добра игра во дефанзива.

Работнички веќе го договори и трансферот на Младеновиќ од Охрид, а не се исклучува можноста за ангажман на нов центар, позиција на која актуелниот првак е дефицитарен по тешката повреда на Кире Николовски.

Се вчитува...