Американецот Хопкинс ќе заигра за Македонија?

Македонската кошаркарска репрезентација ќе добие нов натурализиран играч во своите редови откако Шејн Витингтон реши да се пресели во Јапонија, а Ричард Хендрикс веќе објави дека повеќе нема да го носи црвено-жолтиот дрес. Приоритет останува центарската позиција, а начелно е избран и кошаркарот за кого ќе се брка добивање на македонски пасош – Мајкл Хопкинс од редовите на Цедевита Олимпија.

Американецот денеска и официјално потпиша нов двогодишен договор со словенечкиот клуб, кој ќе се натпреварува во Еврокупот, што е значаен предуслов во потрагата по натурализиран кошаркар (играчите од Евролигата не се достапни во квалификациите за Евробаскет). Хопкинс имаше зад себе солидна сезона во дресот на Цедевита, во просек играше по 21 минута, реализирајќи 9,2 поени, 4,7 скокови и 0,9 блокади по натпревар.Претходно тој има настапувано во Турција, за екипите на Истанбул и на Самсун, како и во бугарскиот прволигаш Балкан од Ботевград, помагајќи му на овој тим да го симне Лукоил Левски од тронот на бугарската кошарка.

Македонската репрезентација следните квалификациски натпревари ќе ги игра во ноември, па неопходно е со процедурата за натурализација да се стартува што поскоро, за потоа да не се најдеме во „трка со времето“ и да останеме без странец во националниот тим пред средбите што се наша последна шанса за пласман на Евробаскет 2021. Проблем во целата ситуација се нарушените односи меѓу Перо Антиќ и Директорот на АМС, Дарко Каевски, но и двајцата ќе треба да ја тргнат суетата настрана и да го финишираат овој процес на натурализација на Хопкинс, за Американецот да го облече црвено-жолтиот дрес на дуелите со Италија и со Естонија.

Се вчитува...