Американецот Мекдаувел најново име во Пелистер

Пелистер секојдневно претставува по едно ново засилување што ќе му биде на располагање на новиот тренер Тане Спасев во наредната натпреварувачка сезона.

Битолчани утрово го официјализираа трансферот на Камрон Мекдауел, американски бек шутер кој треба да биде нов предводник на „зелено-белите“.

„Камрон МекДауел е нов кошаркар на Пелистер. Има 23 години и висок е 196 сантиметри. Во пет сезони во колеџ лигата МекДауел постигна 1.519 поени, а запиша и 317 скокови и 184 асистенции на 92 натпревари. Неговиот севкупен просек е 16,5 поени, 3,4 скока и 2 асистенции во 26,8 минути во игра.

Неговиот најдобар момент е сезоната 2024/25, кога за Норд-вестерн Оклахома стејт бележеше 27,3 поени, 4,7 скока и 2,7 асистенции. МекДауел беше дел од драфтот во НБА лигата во 2025 година, но се врати во универзитетската кошарка и пак остави трага. Беше еден од најдобрите стрелци за Тарлетон и се најде во најдобрите две петорки во лигата“, објави КК Пелистер.

„Зелено-белите“ претходно ги потпишаа и Виктор Златевски, Иван Сапунџиев, младинскиот репрезентативец Ќириловски, Благој Димитриев и Американецот Алонзо Денинг, а од ланскиот ростер во тимот остануваат младите Лео Созовски и Наум Марковски.

Се вчитува...