Американецот Мелори – нов плејмејкер на Блокотехна

Новиот македонски прволигаш Блокотехна се засили пред стартот на новата сезона, потпишувајќи договор со Мајкл Мелори. Станува збор за американски плејмејкер кој лани бил избран за најкорисен во втората по ранг дивизија од НЦАА-лигата, а кој ги задоволи вкусовите на стручниот штаб на Блокотехна на двете контролни средби во Белград, по што е донесена одлуката да биде потпишан договор со него за следната натпреварувачка сезона. Раководството на клубот планираше шанса на плејмејкерската улога да добијат двајцата домашни кошаркари, Младеновиќ и Цветковски, но по повредата на коленото на Цветковски мораше да ги промени плановите.

Во ситуација кога на пазарот нема слободни македонски играчи на оваа позиција, изборот падна на овој американски кошаркар, кој се наоѓа во добар натпреварувачки ритам бидејќи сезоната ја стартуваше во романскиот клуб Сибиу во европските натпреварувања. По истекот на едномесечниот договор тој бараше нов ангажман во Европа, експресно се договори со Блокотехна и веќе викендов би требал да дебитира во македонското првенство, на градското дерби со Кожув.

Блокотехна се натпреварува и во регионалната БИБЛ-лига, каде во рамките на првото коло на 10 октомври ќе ја пречека екипата на Тирана.

Се вчитува...