Аморим Талеска: Вардар игра подобро од лани, ќе биде интересно во финалетo

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева

Бразилката Едуарда Аморим Талеска, за македонската јавност е позната како еден од клучните играчи во унгарскиот Ѓер, но и како поранешна ракометарка на Кометал ЃП и македонска снаа. Во пресрте на утрешниоте полуфинални дуели на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта, бекот на Ѓер даде свое видување за односот на силите, за очекувањата и за шансите на Ѓер, но и на Вардар да стигне до големото финале.

Ѓер последен пат беше на подиумот во 2014 година, лани унгарскиот шампион загуби од Будуќност во полуфиналето, а годинава се подготвени да се реваншираат за поразот и одново да се вратат на подиумот.

„Мислам дека сме подготвени за титула. Имавме добри и лоши периоди сезонава, но победувавме и во тие некои лоши денови. Токму затоа верувам дека со два добри дена викендов, можеме да победиме. Помирни сме годинава, лани не суепавме за малку. Верувам дека годинава ќе успееме“ – вели Аморим Талеска.

Според бекот на Ѓер, по три полуфиналиња по ред, Вардар е зрел годинава да стигне и до големото финале, иако на патот дотаму утре трба да го симне од тронот актуелниот шампион во ЛШ, ЧСМ Букурешт.

„Мислам дека од овие четири екипи што се тука на Ф4 , Вардар имаше најконстантна сезона. Кога сменија тренер малку паднаа во формата, но мислам дека играат многу подобро од лани и дека ќе биде многу тежок меч во полуфиналето. ЧСМ Букурешт е фаворит, но мислам дека Вардар утре може да направи добра работа“ – истакнува Едуарда Аморим Талеска.

Популарната Дуда секогаш е срдечно расположена кога има соговорник од Македонија, добро го владее македонскиот јазик и сака да зборува и да се пошегува. Поради својата поврзаност со Македонија, вели „навива“ за Вардар во полуфиналето, но за финалето е малку потешко…

„Ќе биде интересно. За секого е интересно да имаш клуб од твојата земја на Ф4 во ЛШ. Очекувам се најдобро за нив во полуфиналето, но ако играме против Вардар во финале, тогаш, нормално сакам победа за Ѓер. За ниеден тим нема да биде лесно утре, не верувам многу во тие прогнози пре Ф4, тоа е повеќе за медиумите. На терен е веќе друга работа“ – вели ракометарката на Ѓер.

Се вчитува...