АМС ги објави кандидатурите за „Спортист на годината“: Антиќ и Лазаров заборавени!

Најдобриот македонски кошаркар Перо Антиќ кој изминатава година се закити со европската шампионска титула во дресот на Фенербахче, но и најдобриот стрелец на Светското првенство во Франција, Кирил Лазаров, изненадувачки не се меѓу номинираните од страна на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортови за Македонија за годинашниот избор на „Спортист на Македонија“!

Вообичаено начинот на избор на најдобрите од македонскиот спорт секоја година предизвикува постојани анализи од домашната спортска јавност, но изоставањето на најголемите македонски спортски ѕвезди, кои и онака малку ги имаме, на сметка на „спортисти-туристи“ единствено учесници на некакви натпреварувања постојано „боде очи“.

Не навлегувајќи воопшто околу номинираните, затоа што никогаш критериумите за избор и не биле доволно дефинирани, сепак нејасно е изоставањето на Антиќ и Лазаров во категоријата за најдобар спортист. Барем номинација!

Онака на прва од око, да не е трагична ситуацијата во македонскиот женски спорт, повеќе од смешни се, се разбира со чесни исклучоци, и номинациите во категориите за најдобар женски национален тим и најдобра спортистка. Посебно ако се знае дека ете ги нема најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа која изминатава година се појави на сите ВТА Грандслем турнири, притоа и со освоени три турнири во поединечна и во дубл конкуренција. Нема место (барем номинација) и за најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова, кој зад себе остава повеќе од успешна година во дресот на шпанскиот гигант Барселона!?

Изненадувачки, во категоријата за наш најдобар тренер/селектор е изоставен Илија Темелковски кој со младата ракометна репрезентација на Светското првенство во Алжир стигна до 6. место, што е најголем репрезентативен успех на Македонија на Светски шампионат. За истиот резултат, пак, оправдано е номиниран Филип Кузмановски во категоријата за најдобар млад спортист. Останува нејасна околу оваа категорија и номинацијата на Раул Гонзалес, кога е нели избор за најдобар Македонец – спортист, тренер, спортски работник!?

Вообичаено оправдувањето е секогаш дека номинираните се предлог на одделните национални спортски федерации, а АМС и ССМ само утврдуваат кандидатури. Но, на крајот сепак организаторите се тие кои се потпишуваат зад изборот!

Како и да е, АМС и ССМ и оваа година ќе избираат во десет категории. Во изборот ќе бидат вклучени и спортските федерации и медиумите, кои ќе треба да дадат свој глас за веќе номинираните…

Кандидатури за Спортист на МакедонијаКандидатури за Спортист на Македонија 2Кандидатури за Спортист на Македонија 3

Се вчитува...