Анчелоти: Ако имаше ВАР, Ван Дајк ќе добиеше црвен картон…

Наполи загуби од Ливерпул на „Енфилд Роуд“ со 1-0 и ги заврши настапите во Лигата на шампионите, но тренерот Карло Анчелоти го потенцира моментот кој можеше да го промени текот на мечот. Дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк грубо стартуваше на ногата на Дрис Мертенс, а судијата Скомина му покажа само жолт картон. Италијанскиот стратег смета дека доколку имаше помош од ВАР-технологијата, тогаш дефинитивно ќе мораше да го исклучи.

„На ТВ – екраните јасно се виде дека стартот на Ван Дајк требаше поинаку да биде санкциониран. Ако имаше ВАР, дефанзивецот на Ливерпул ќе добиеше црвен картон. Тогаш текот на натпреварот ќе беше сосема поинаков. Имавме одлична шанса и во самиот финиш, но на крајот сепак загубивме. Не можам да им замерам на фудбалерите, направија се што можат“, изјави Карло Анчелоти.

Наполи продолжува во Лигата на Европа како третопласиран тим од групата Ц. Во нокаут фазата од ЛШ продолжуваат ПСЖ и Ливерпул.

Се вчитува...