Анчелоти ја откри тајната на Бензема: Што се случи за да експлодира по заминувањето на Роналдо?

Карим Бензема повторно имаше свој ден во победата од 6-0 на Реал Мадрид против Леванте, постигнувајќи го 323. гол за „кралевите“ со што се израмни на второто место на вечната листа на најдобрите стрелци со легендарниот Раул.

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти ја откри по мечот неговата тајна објаснувајќи дека едноставно експлодирал по заминувањето на Кристијано Роналдо од клубот затоа што ја презел од сите можни аспекти неговата одговорност.

„Тешко ми е Бензема да го сметам едноставно за централен напаѓач затоа што во суштина е фантастичен играч кој игра во нападот. Тој не е само стрелец, туку и асистент на своите соиграчи. Комплетен играч кој е многу важен за тимот. Врвен фудбалер за кого мислам дека во моментов е најдобар во светот“ – истакна Анчелоти на синоќешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:

„Мислам дека Карим стана вистински лидер откако замина Роналдо. Кристијано беше играч кој постигнуваше 50 гола по сезона и без него Реал имаше потешкотии околу постигнувањето голови. Но, Карим ја презеде таа одговорност и стана уште поважен играч за тимот и од него. Тој е водач на екипата, но не и единствен затоа што изградивме силен дух во овој состав и тоа се гледа на секој натпревар. Се поддржуваат едни со други и тоа е клуч на успехот“.

Се вчитува...