Анчелоти нов селектор на Италија, Пирло помошник?

Карло Анчелоти се состанал со челниците на Фудбалската федерација на Италија и се наоѓа блиску до преземање на селекторската функција  на клупата на „аѕурите“, објавија италијанските медиуми. Роберто Фабричини и Алесандро Костакурта, моментно двата највисоки функционери во Федерацијата, во Рим разговарале со трофејниот стручњак кој е без ангажан по напуштањето на Баерн, останале само да се усогласат деталите околу финансиите. Иако досега за фаворит во оваа трка важеше Роберто Манчини, ситуацијата се промени во последните десетина дена, па „аѕурите“ седнаа на маса со Анчелоти, со кого се пред потпишување на договор.

Анчелоти со себе треба да го донесе својот тренерски тим, што наводно бил негов главен услов што го поставил пред фудбалските челници. Помошници на клупата на Италија треба да му бидат синот Давиде Анчелоти, Масимо Аброзини, но и легендата на италијанскиот фудбал, Андреа Пирло кој неодамна ја заврши фудбалската кариера.

Според „Кориере дело спорт“, Анчелоти на клупата на Италија ќе заработува пет милиони евра годишно, што е многу за еден селектор, но сепак, многу помалку во однос на платата што ја имаше во Баерн.

Искусниот 58-годишен стручњак во текот на кариерата беше тренер на Јувентус, Милан, Челси, ПСЖ, Реал Мадрид и на Баерн.

Италија е без селектор по заминувањето на Џанпјетро Вентура по шокантната елиминација од Шведска во баражот за СП 2018 во Русија, а времено националниот тим го водеше Луиџи Ди Бјаџо.

Се вчитува...