Андон Бошковски: Заедно да ја продолжиме успешната приказна на Пролет

Андон Бошковски е максимално мотивиран пред новиот тренерски предизвик во неговата кариера, откако искусниот стратег седна на клупата на РК Пролет.

Бошковски лани работеше одлично во првиот дел од сезоната со младиот тим на Голден Арт КЛ7, а вториот дел го мина на кормилото на Радовиш, тим што со одлична серија токму по неговото доаѓање се избори за опстанок во елитното друштво.

„Верувам дека Тинекс Пролет ќе биде убава приказна во мојата тренерска кариера, бидејќи се надополнувам на нешто што трае со години, клуб што во последните дваесетина години не се соочувал со проблеми благодарение на стабилен спонзор како што е компанијата Тинекс. Во последните години стана јасно дека сакаат да се кренат организациски и резултатски, екипата стигна до третото место и ја потврди амбициозност со дела. Инспирација е да се биде тренер во ваков клуб, ќе се бориме да го повториме тој успех, секако ќе биде многу потешко, но не се плашам од предизвици, заедно со играчите кои ги имаме на располагање ќе одиме на победа на секој натпревар. Ни фали уште еден до два ракометари за комплетирање на ростерот, но не сум загрижен бидејќи знам дека Пролет тоа го прави со години наназад, не се залетува, чека вистински играч во вистински момент и го доведува во клубот“, вели Бошковски за официјалната веб-страница на Пролет.

Работата со домашните играчи е препознатлив дел од функционирањето на Тинекс Пролет, нешто што ќе продолжи и под водство на новиот стратег.

„Пролет со години покажува дека е меѓу првите четири екипи во Македонија. Некогаш доаѓа до место во тие Топ 4 и излегува во Европа, некогаш не, но амбициите секогаш се исти. Пред се, доминира со години наназад продукцијата на домашни играчи. Годинава и пазарот е потесен бидејќи се појавија многу клубови, затоа Тинекс Пролет минатата сезона беше принуден да доведе засилувања од странство, но и тие странци внимателно се избираат, еден до двајца кои ќе имаат позитивен ефект и кои ќе го кренат и квалитетот на игра кај домашните играчи. Јас целосно се сложувам со овој концепт и верувам дека заеднички ќе го извлечеме максимумот од екипата што ќе биде составена. Реално, Тинекс Пролет е еден од оние Топ 5-6 тимови во мак-ракометот, а наша цел сигурно останува пласман меѓу првите четири места и обезбедување место во Европа“, додава новиот тренер на скопскиот суперлигаш.

Тинекс Пролет пред стартот на новата суперлигашка сезона го очекува и учество во европските купови, како дел од квалификациите за Лигата на Европа на ЕХФ.

„Секој меѓународен натпревар е предизвик за сите што сме вклучени во мак-ракометот. Во исчекување сме на официјална информација од ЕХФ во кое квалификациско коло ќе стартуваме. Се надевам дека добро ќе се претставиме во Европа, секој чекор напред што би го направиле е огромен плус и за клубот и за македонскиот ракомет“.

Се вчитува...