Андоновски: Дуелите Пролет – Охрид секогаш ги решава цврстата одбрана

Капитенот на Пролет, Ласко Андоновски, е оптимист дека неговиот тим ќе успее да слави на денешниот дуел против Охрид (18 часот), пресметка на два ривали кои со години наназад водат битки за излез во ракометна Европа. Охриѓани претрпеа порази на последните два меча со Бутел и со Металург, но Андоновски ги предупредува соиграчите дека станува збор за квалитетен ривал што никако не смее да биде потценет.

Денешниот меч е прв од четирите кои можат да се покажат клучни за Пролет, со оглед на фактот дека станува збор за серија тешки пресметки против ривали за висок пласман (Охрид, Еурофарм Пелистер, Бутел, Металург).

„Охрид е тим што го респектираме, ривал со кој секогаш водиме неизвесни битки за бодовите. Дуелите вообичаено ги решава цврстата одбрана, така што повторно ќе мораме да бидеме на висина на задачата во овој дел од играта. Ќе мораме да бидеме ефикасни и во нападот, да најдеме начин да ја пробиеме нивната зона, што не е нималку лесно. Охрид врза два порази во Супер-лигата, но тоа не смее да не залаже, станува збор за квалитетна екипа што ќе го казни секое наше опуштање. Затоа, мораме да одиграме максимално ангажирано од првата до последната минута за да ја оствариме нашата цел – бодовите да останат во Пролет“, изјави капитенот Ласко Андоновски.

Се вчитува...