Андоновски: Отидов да играм „малку“ во САД и тука сум веќе 21 година, драго ми е што Македонија играше на ЕП

Селекторот на женската репрезентација на САД, Влатко Андоновски, за емисијата „Тие победуваат“ на Ал Џезира, зборуваше за неговите почетоци со фудбалот во САД, за тоа како дошол до кормилото на селекцијата на женскиот национален тим, како и за настапот на Македонија на Европското првенство.

Андоновски кажа дека многупати размислувал да се врати во Македонија, но дека тие моменти сега се надминати.

„Заминав во САД по препорака на еден мој другар кој беше тука. Ми рече да дојдам да поиграм фудбал малку тука, и да пробам како ќе ми биде. Реков ајде една година ќе одам, па ќе се вратам, а ете веќе 21 година сум тука“, рече Андоновски и додаде:

„Многу повеќе на почетокот размислував да се вратам. Ми требаа многу години да сфатам дека ова е мојот нов дом. Не беше се лесно, некогаш ми беше тешко, и во глава ми беше дека е момент да се вратам. Драго ми е што ги надминав тие моменти и што сум уште тука“, изјави Андоновски.

Во интервјуто кажува дека знаел дека по завршувањето на играчката кариера, ќе се занимава со тренерската професија.

„Тренерската професија нешто кое размислував и во текот на мојата играчка кареира. Секогаш велам дека и кога играв, низ мојата кариера ги обожавав тактичките предизвици. Кога завршив кариерата, тренерската кариера не беше во прашање. Се чувствував сосема природно да продолжам со таа професија. Не се чувствувам како ѕвезда, затоа што ако тренерот во една екипа се чувствува како ѕвезда, тогаш имате проблем. Тренерите не треба да бидат ѕвезди“, рече Андоновски.

За Македонија кажа дека му е драго што репрезентацијата добро котира заега, и дека му е драго што била дел од Европско првенство.

„Секако дека следам што се случува во Македонија и во околината. Репрезентацијата добро котира, како Македонија така и другите репрезентации во регионот. Драго ми е што македонската репрезентација беше на ЕП, и се надевам дека ќе продолжи да игра на големи натпреварувања. Но, не само Македонија, драго ми е и за земјите од регионот кога ќе видам како прават успеси“, изјави Андоновски.

Андоновски рече дека инфракструктурата и условите во САД и балканските земји, не може да се споредат.

„Јас кога дојдов во САД, не се сеќавам дали воопшто постоеше во Македонија женски фудбал, а кога дојдов тука на првиот меч на женски фудбал имаше 60 илјади гледачи. Навистина тука го сакаат фудбалот, ја сакаат репрезентацијата, и не може да се споредат условите тука и во Македонија. Инфраструктурата е на многу повисоко ниво, и секако логистичката поддршка од сите страни“, изјави на крајот Андоновски, напоменувајќи дека одбил две понуди од екипи од МЛС само да остане селектор на женската селекција со која има договор до 2023 година.

Се вчитува...