Андоновски: Пролет нема што да загуби на дуелот со Вардар

Второто коло од ракометниот плејоф стартува вечерва со дуелот меѓу Вардар и Тинекс Пролет што ќе се одигра од 18.15 часот во СЦ „Јане Сандански“. „Црвено-црните“ ќе се обидат да се вратат на победнички патеки по поразот во Битола, додека Пролет ќе влезе во мечот без преголем резултатски притисок, во обид да го изненади фаворитот.

По одличното издание во првото полувреме против Алкалоид, избраниците на Александар Јовиќ ќе се обидат и против Вардар да покажат дека можат достојно да им се спротивстават на најдобрите тимови на македонската ракометна сцена. Квалитетите на Вардар се добро познати за гостите, Тинекс Пролет одигра два меча со овој ривал во Супер-лигата (порази од 31-20 во Аеродром и 24-28 во Пролет), а двата тима се сретнаа и на почетокот од годинава со две контролни средби пред почетокот на плејофот.

„Знаеме каков противник имаме против себе, тоа е квалитетна екипа што ќе биде дополнително мотивирана по поразот во Битола. Нашата цел е јасна, да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме, па да видиме за каков резултат тоа ќе биде доволно. Немаме што да загубиме, одиме да се надигруваме со Вардар. Начинот на кој го одигравме првото полувреме против Алкалоид е она кон што треба да се стремиме, секако во уште подолга фаза и против Вардар, но и на наредните натпревари. Напредокот во одбраната е очигледен, очекувам да ја кренеме и играта во напад во периодот што е пред нас“, изјави капитенот на Тинекс Пролет, Ласко Андоновски.

Се вчитува...