Андоновски: Смената на генерации е обврска за нас помладите

Капитенот на Пролет, Ласко Андоновски, е еден од ракометарите кои ќе атакуваат на место на завршниот список на Раул Гонзалес за СП 2019 што ќе стартува на 10 јануари. Позицијата среден бек е најболна точка на нашиот национален тим по повлекувањето на Филип Миркуловски и на Немања Прибак, а Андоновски со уште неколку помлади ракометари ќе се бори за место на претстојниот Мундијал.

„Презадоволен сум што се најдов и на тој скратен список на селекторот, што ми дава шанса да се борам за место на СП. Знам дека нема да биде лесно, пред нас е напорен период на тренинзи, но ќе сторам се што е во моја моќ за да го убедам стручниот штаб во моите квалитети. Секако дека ќе недостига искуството на Миркуловски, тој е играч што со своите квалитети, но и со карактерот што го поседува остави силен печат врз македонската репрезентација со години наназад. Смената на генерација стана неопходна и добро е што ни се укажува шанса да се бориме за место во репрезентацијата, но исто така и ни е јасно колкава обврска е тоа само по себе, на едно големо натпреварување како што е Светското првенство“ – вели Андоновски за клупската веб-страница на Пролет.

Воедно, тој го потенцираше значењето на Пролет за неговиот ракометен развој.

„Секако дека Тинекс Пролет има значајна улога за текот на мојата кариера и за самиот факт дека стигнав до овој скратен список од репрезентацијата. Веќе седум години сум дел од Пролет, овој клуб ми даде шанса да се докажам, соодветна минутажа за да напредувам и немаше да бидам таму каде што сум сега ако ја немав апсолутната доверба на управата и на тренерите“ – истакнува Андоновски.

Се вчитува...