Андрејевиќ реагира: Не заслужив исклучување, секоја чест за глумата

Александар Андрејевиќ смета дека судиите на мајсторката со МЗТ Скопје направиле грешка кога го исклучиле по инцидентот пред крајот на првото полувреме.

Се играа последните секунди од втората четвртина кога центарот на Куманово влезе во клинч со Дамјан Стојановски, двајцата цврсто ја држеа топката, по што се чинеше дека Андрејевиќ го удира капитенот на МЗТ. Сепак, српскиот кошаркар демантира дека такво нешто се случило.

„Денеска бев неправилно исклучен од натпреварот. Немаше ниту удар, ниту било какв контакт од моја страна. Секоја чест за неговата намера и добра глума. Бев задржан од неговата рака, сакав само да се извлечам, а не да удрам или да повредам некого. Не сакам оваа случка да остави дамка на оваа добра сезона и интересната серија со МЗТ Скопје. Како личност и кошаркар што секогаш ги почитува сите противници, не сакам ова да остави дамка врз мојата кариера. Му посакувам на МЗТ многу среќа во натамошниот дел од сезоната“, изјави Андрејевиќ за ЕКИПА.

Кумановци имаат за што да жалат бидејќи во самиот финиш прокоцкаа предност од десет поени во мајсторката, не успевајќи да приредат сензација и да го елиминираат актуелниот шампион.

Се вчитува...