Ангел Нацев, по осум месеци, се враќа на терените за мегдан со Вардар

Во битката за опстанок штипска Брегалница в недела од 14 часот на „Телеком арената“ во Скопје ја чека повеќе од тешкото гостување против Вардар во 22. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Во комбинација за настап во редовите на „сините“, по цели осум месеци пауза поради повреда, е и еден од најдобрите фудбалери Ангел Нацев. Иако се уште не е до крај извесно дали тренерот Здравко Цветаноски ќе смета на него од првата минута, без сомнение позитивен е фактот дека, сепак, се враќа во тимот за дуелите до крајот на сезоната.

Со активни тренинзи почна и Иван Митров, со кого нема да се ризикува за брзо враќање, па се очекува да биде во комбинација за настап од почетокот на април. Митров, како што е познато, се повреди на Куп натпреварот против Тетекс во Тетово, во октомври минатата година.

Брегалница и натаму ја мачат проблемите со повредите, и со други фудбалери. За дуелот против Вардар нема да бидат во комбинација Александар Темелков и Мики Јовановски. Штипјани ги чекаат два тешки дуели периодов. По гостувањето во Скопје, потоа во Штип ја пречекуваат екипата на Шкендија.

Се вчитува...