Ангели во проблеми – Мандерсон заминува, Самбри и Мартиновски повредени

Новалијата во Првата лига, Ангели се уште чека на историската победа во елитата на македoнската кошарка, а во пресрет на дуелот со Пелистер се соочува со огромни проблеми. Од клубот заминува центарот Исаја Мандерсон, а тимот ќе биде дополнително ослабен по повредите на Еј-Џеј Самбри и Константин Мартиновски.

Тренерот Горан Ѓорѓиевски пред дуелот со „зелено-белите“ ги потврди повредите, а и најави нови аквизиции во следниот период со кои новалијата ќе се обиде да ги консолидира своите редови.

„Се соочуваме со огромни проблеми на кои работиме напорно за да ги надминеме. Ни следи тежок натпревар против Пелистер на кој нема да можеме да сметаме на Мандерсон кој заминува, како и Самбри и Мартиновски кои поради повреди отпаднаа за мечот. Против Пелистер ќе се обидеме да ги искористиме силите кои ги имаме, но веќе работиме на доведување на нови домашни и странски играчи и повеќе детали ќе бидат познати во следниот период“, изјави за ЕКИПА, Ѓорѓиевски.

Составот од Кисела Вода битолските „зелено-бели“ ги пречекува утре со почеток од 17 часот.

Се вчитува...