Ангелов: Ни недостигаше само повеќе сила, за да победиме велесила

ЕКИПА во Гдиња, 

Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година го заврши својот настап на Европското првенство во Полска. Синоќа загуби од Португалија со 4-2, и го комплетираше настапот со два порази и едно реми, против Србија. Но, генералниот впечаток е позитивен, ова е прв настап на една македонска фудбалска селекција во историјата на Европско првенство, а Виктор Ангелов се обиде да објасни во што заостануваме зад велесилите.

„Завршуваме една прекрасна епизода во нашите кариери, како членови на младата македонска репрезентација до 21 година. Од почетокот на квалификациите сме сплотени како едно големо семејство и тоа беше нашата голема сила. На ЕП дојдовме да уживаме во борбата со големите европски веселили, и иако загубивме двапати и ремизиравме со Србија, мислам дека гордо и достојно ја претставивме Македонија. Не бевме инфериорни на теренот ниту против Шпанија, ниту против Португалија. Со Србија имавме и победа, која не успеавме да ја задржиме. Но, ова е едно големо искуство за нас како фудбалери и за целиот македонски фудбалер. Мислам дека најголем проблем ни беше турнирскиот систем на натпреварување. За нас како да беа премногу три меча за шест дена. Ќе кажам и за мене лично, јас одработив 12 тренинзи, а претходно поради повреда паузирав два месеци. Мислам дека ни недостигаше само малку повеќе сила, за да победиме барем една велесила. Но, ова е прекрасен крај за оваа генерација во младинска конкуренција, и се надевам дека во иднина ќе бидеме конкурентни за настап во А-селекцијата на Македонија“, изјави Виктор Ангелов по синоќешниот меч со Португалија.

Се вчитува...