Австрија дојде во Скопје и ја декласира Македонија со 1-4. Можеби и неочекувано убедливо, но според прикажаното на теренот, сосема заслужено. Селекторот Игор Ангеловски вели дека нашиот национален тим не успеа да парира во дуел – играта и комплетно беше наттрчана. Поразот на Македонија е апсолутно заслужен.
„Ако против Полска можевме да кажеме дека незаслужено загубивме, овојпат поразот е сосема заслужен. Австрија беше подобра, не наттрчаа, добија најголем дел од дуелите, создадоа многу шанси и постигнаа четири гола. Ние париравме во првото полувреме и до пеналот, со кој Арнаутовиќ донесе водство (1-2) за Австрија, потоа објективно бевме немоќни на физички план. Не бегам од одговорноста, тренерот секогаш е виновен кога ќе загуби неговиот тим. Австријците создадоа многу шанси и Столе Димитриевски беше на висина на задачата и покрај четирите примени голови. Ако се навратиме на првото полувреме, можеби мечот ќе имаше друг тек ако постигневме втор погодок, преку шансите на Пандев и на Несторовски. Шансите за пласман на ЕП не се загубени, јас бев првиот што ја подигна летвичката кога се очекувањата во прашање и побарав од фудбалерите да се бориме за највисок пласман. На три бода сме од второпласираната селекција во групата, имаме се уште шанси, квалификациите не се загубени“, изјави селекторот Игор Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА