Ангеловски бира меѓу Лудогорец и Легија

Поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски не успеа да ја добие трката за нов тренер на Хајдук, но сега повторно е актуелен во балканските фудбалски кругови, овојпат како предводник на Лудогорец. Бугарските медиуми информираат дека Лудогорец сака што поскоро да ја заврши потрагата по наследник на Валдас Дамбраускас, а една од најсериозните опции е токму Ангеловски.

Македонецот е без ангажман откако си замина од селекторската функција по ЕВРО 2020. Тој беше поврзуван со калчолигашот Џенова, потоа со неколку турски прволигаши, неодамна и со Хајдук, но ниту еден од овие тимови на крајот не го избра Ангеловски за нов кормилар. Во Лудогорец привремен тренер моментно е Станислав Генчев, но челниците бараат долгорочно решение и гледаат на македонскиот стручњак како на крајно сериозна опција.

Истиот извор тврди дека интерес за Ангеловски покажува и полскиот гигант Легија. Станува збор за клуб кој се наоѓа во огромна криза и кој моментно се наоѓа на претпоследното место на табелата, поради што веќе извесно време интензивно е во потрага по нов тренер.

И Лудогорец и Легија планираат тренерското прашање да го решат во текот на оваа репрезентативна пауза, а останува да се види дали и каде Игор Ангеловски по неколкумесечна пауза ќе му се врати на фудбалот.

Се вчитува...