Ангеловски: Честитки за Вардар, тоа ни носи и нас мотив за дуелите со Полска и со Австрија

Македонската фудбалска репрезентација денеска го означи официјалниот старт на подготовките за квалификациските натпревари против Полска и Австрија во Скопје. По претходните седум дена подготовки со дел од репрезентативците, селекторот Игор Ангеловски од денеска ќе го има на располагање комплетниот состав.

За репрезентативците, како што вели Ангеловски, дополнителен мотив за престојните два натпревари е успехот на ракометарите на Вардар кои стигнаа до европската шампионска круна.

„Сакам да му честитам на Вардар за големиот успех. Сите спортски успеси не прават горди, а овој нивни подвиг верувам ќе биде силен мотив и за нас за дуелите со Полска и со Австрија“ – истакна Ангеловски на денешната средба со медиумите.

Според селекторот, минати се досега успешни подготвителни денови, кои дополнително ќе бидат заокружени со активни тренинзи до петок…

„Мислам дека одлично работиме. Сите репрезентативци кои досега беа вклучени во тренинзи се максимално посветени. Одлично работат и Алиоски, Велковски и Трајковски кои ги надминуваат проблемите со повредата. Од денеска комлетно се фокусираме на натпреварот со Полска. Знаеме дека тие се фаворити, репрезентација со огромни квалитети но знаеме и дека и ние јасно покажуваме во овие квалификации за што се сме подготвени. На домашен терен сме победувале и многу посилни селекции. Одигравме добри натпревари со Летонија и со Словенија, па сега треба да продолжеме на ист начин“ – вели Ангеловски.

Македонија против Полска игра на 7. јуни на арената „Тоше Проески“, а дуелот против Австријците е на 10. јуни.

Се вчитува...