Ангеловски: Дуелите со Австрија и со Израел ќе бидат подготовка за плејофот против Косово во Лигата на нации

Македонската сениорска репрезентација со многу проблеми се соочува пред последните два натпревари против Австрија и против Израел од квалификациите за ЕП 2020 поради отсуството на дури шест стандардни репрезентативци.

Селекторот Игор Ангеловски ќе треба да крои нов почетен тим, пред се првиот натпревар со Австрија во Виена, но верува дека секој ќе го даде максимумот за позитивно да се заврши квалификацискиот циклус.

„За жал од стандардниот список отпаднаа неколку фудбалери, Адеми, Бејтулаи и Радески поради повреди, а за првиот натпревар со Австрија поради жолти картони ќе ги немаме и Муслиу, Николов и Несторовски. Се враќаат Барди и Велковски, а повикани се и Никола Ѓорѓев од Грасхоперс и Даниел Аврамовски од Вардар кои го заслужија тоа со своите игри“ – истакна Ангеловски по соопштувањето на списокот, притоа дополнувајќи:

„Посакував да бидеме конкурентни до самиот крај во овие квалификации. Кога е репрезентацијата во прашање секој натпревар е најважен. Ќе бидеме максимално фокусирани и сакаме да го извлечеме максимумот на секој меч. Австријците не надиграа во Скопје, ќе се обидеме да докажеме дека тоа сепак беше лош ден за нашиот состав. Ќе одиме да се надигруваме, ги браниме боите на државата и веруваме во позитивни резултати. На овие два меча ќе треба да се подготвиме и за плејофот против Косово во Лигата на нации со оглед дека нема да имаме можност за пријателски натпревари“.

Собирот на репрезентативците е закажан за в понеделник (11. ноември) а во Австрија за патува во петок (15. ноември). Натпреварот со Австријците се игра на 16. ноември, а пресметката со Израел во Скопје е на 19. ноември.

Се вчитува...