Ангеловски: Елмас многу напредуваше за еден месец во Наполи, ова е неговата тајна…

Елиф Елмас одигра извонредно на гостувањето во Рига, уште еднаш потврдувајќи го огромниот потенцијал што го поседува. Токму на темата „Елмас“ интервју за едно италијанско радио денеска даде и селекторот Игор Ангеловски, кој не го крие воодушевувањето од напредокот на поранешниот фудбалер на Фенербахче.

„Му дадов две различни улоги на двете средби, како полушпиц и како крилен офанзивец. И на двата меча се снајде одлично, што само потврдува дека станува збор за универзален играч. Мило ми е што потпиша за Наполи бидејќи доби можност да работи со Анчелоти, кој е еден од најдобрите тренери во светот. Можам да кажам дека напредокот кај него е очигледен по само еден месец минат во Неапол, ми откри дека се е во најдобар ред, а јас сум убеден дека ќе биде уште подобар. Ќе ви ја откријам и тајната на Елиф – тој верува во себе и тоа го прави психолошки подготвен за секоја ситуација“ – истакна Ангеловски.

По добрите игри во репрезентативниот дрес, останува да се види кога Елмас ќе добие шанса и како стартер во таборот на „наполитанците“. „Сино-белите“ во првиот домашен меч сезонава ќе ја пречекаат Сампдорија, а веднаш потоа ќе следи и премиерниот натпревар од Лигата на шампионите, пред своите гледачи против европскиот првак Ливерпул.

Се вчитува...