Ангеловски: Го победивме Лихтенштајн на гости, сакаме тоа да го сториме и дома!

Македонската фудбалска репрезентација по ремито против Италија (1-1) на гости, утре во Струмица ќе го пречека Лихтенштајн за заокружување на овој квалификациски циклус за СП 2018 во Русија. Селекторот Игор Ангеловски ја потенцира одличната атмосфера во националниот тим и решеноста да се стигне до нов триумф, за крај на овие квалификации.

„Не бегаме од улогата на фаворити. Го победивме нашиот утрешен противник и на гости, па сега сакаме да го совладаме и дома, во Струмица, за крај на квалификациите за мундијалот во Русија. Очекувам од фудбалерите и на овој меч да влезат максимално мотивирани и да прикажат квалитетна игра, која ќе ни ја донесе и посакуваната победа. Ќе има одредени промени во составот, најверојатно и во формацијата. Дарко Велковски нема да може да настапи поради повреда, како и Стефан Спировски поради жолти картони, но некои други фудбалери чекаат шанса за да заиграат“, изјави селекторот Игор Ангеловски на денешната прес – конференција во Струмица.

Утрешниот натпревар на стадионот „Младост“ почнува во 20.45 часот, а главен судија е Лорент Коприва од Луксембург.

Се вчитува...