Ангеловски го „скрои“ тимот: Засилен среден ред и тројка во нападот за мечот со Словенците

По денешниот последен тренинг во пресрет на утрешниот натпревар се чини, во голема мера, веќе е познат стартниот состав на македонската репрезентација за пресметката со Словенија во квалификациите за ЕП 2020.

Селекторот Игор Ангеловски, соочувајќи се се и со повредите на двајца стандардни репрезентативци Енис Барди и Дарко Велковски, но и неможноста да смета на Егзон Бејтулаи поради три жолти картони, „скрои“ состав со некои измени, засилен среден ред и тројка во нападот.

Во одбраната, пред голманот Столе Димитриевски, се очекува покрај стандардните Висар Муслиу и Кире Ристевски да биде и Стефан Ристовски, иако до последен момент ќе се очекува лекарскиот „амин“ за настап на дефанзивецот на Спортинг Лисабон.

Во средниот ред ќе бидат Бобан Николов, Аријан Адеми, Стефан Спировски и Езгијан Алиоски на левата странична позиција, и во нападот согласно најавите треба да стартуваат Елиф Елмас, капитенот Горан Пандев и Илија Несторовски.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија од 7. коло во Групата Г од квалификациите ќе се одигра со почеток од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје.

Се вчитува...