Ангеловски: Играчите на Алкалоид како да беа преплашени од нашите ракометари

Бранислав Ангеловски може да биде горд на својот тим откако Е. Пелистер вечерва со извонредна игра го декласираше Алкалоид со десет гола разлика.

Поранешниот македонски репрезентативец ја продолжи победничката серија на клупата на „пелистерци“, со триумф со кој беше направен уште еден огромен чекор напред кон новата шампионска титула. Сепак, Ангеловски не дозволува еуфорија во својот тим, особено ако се знае дека „пелистерци“ веќе во вторник ги очекува големото дерби со Вардар во Скопје.

„Мораме малку да останеме на земја, навистина славевме убедливо, но разликата отиде на десет разлика во последните пет минути. Јас имам огромен респект за цел колектив на Алкалоид, од врв до економ, но мислам дека Алкалоид ни ја подари оваа убедлива победа. Колку и ние да игравме добро, тие беа некако во преголем грч, преплашени од играчите што ги имаме ние. Во овие две недели се подготвувавме за Алкалоид, мислам дека добро одговоривме на нивните тактики во одбраната, бевме подготвени за зоната 5-1 што знаат добро да ја практикуваат и мислам дека моите играчи одлично одговорија на тоа. Следен е Вардар… оставете да се наспиеме, па од утре ќе почнеме да се подготвуваме за ова големо дерби“, изјави Ангеловски.

Се вчитува...