Ангеловски: Ќе играме офанзивно и на победа против Словенија, поинаку и не знаеме

Македонскиот селектор Игор Ангеловски најавува максимално офанзивна игра на националниот тим против Словенија во квалификацискиот натпревар за ЕП 2020, и безусловен атак на триумф во желбата за одржување ритамот за водечките позиции на табелата.

„Силно верувам во овие момци и нивниот победнички менталитет. Така ќе биде и против Словенија. Ќе играме офанзивно и на победа, затоа што поинаку и не знаеме. Мислам дека натпреварот против Словенија пред нашите навивачи и со поддршка од трибините ќе биде најдобриот наш одигран натпревар во овие квалификации“ – истакна Ангеловски на денешниот прв собир на репрезентативците во хотелот „Гранд Плаза“ во Скопје, притоа дополнувајќи:

„Факт е дека имаме одредени проблеми со составот поради повредите на дел од стандардните репрезентативци, но секако нема жалење околу тоа. Знам дека сите кои ќе настапат ќе го дадат максимумот за да дојдеме до победата против Словенија која потоа ќе ни даде дополнителен мотив за гостинскиот натпревар со Полска“.

Македонија против Словенија игра на 10. октомври со почеток од 20:45 часот. Натпреварот со Полска е во Варшава на 13. октомври.

Се вчитува...