Ангеловски: Ништо не можеше да го спречи Пандев да биде со нас…, знам колку посакува настап на ЕП!

Македонскиот селектор Игор Ангеловски на првиот ден од подготовките за полуфиналниот плеј-оф бараж против Косово за пласман на ЕП, го потенцираше значењето за националниот тим што капитенот Горан Пандев, по бројни напори, е тука со репрезентативци како силна поддршка и на теренот и надвор од него…

„Доаѓањето на Пандев, под сите тие околности, покажува колку му значи овој натпревар. Многу добро знам што се разговаравме изминативе четири години и колку посакува Македонија да игра на Европско првенство. Доаѓањето во Скопје покажува дека ништо не може да го спречи да дојде за овој меч. Им благодарам и на сите кои помогнаа да биде тука со нас, и сите добро знаеме од какво значење е неговото присуство“ – истакна Ангеловски пред денешниот прв тренинг на репрезентацијата.

Македонскиот селектор е среќен што сите повикани се максимално подготвени за предизвикот, иако ќе недостасува Елиф Елмас…

„Ме радува што сите кои се повикани се здрави и подготвени за предизвикот кој не очекува. За жал нема да биде со нас Елиф Елмас, но оние кои се тука верувам дека ќе го надополнат неговото отсуство. Јас и претходно нагласував дека тимот е тој треба да го надополнува секое отсуство, и тоа е уште поголем мотив за сите нас да славиме на овој натпревар и до го чекаме Елиф повторно да биде со нас во финалето во ноември“ – вели Ангеловски, и дополнува:

„Овој натпревар не носи чекор поблиску до Европското првенство. Македонија 30 години чека настап на Европско првенство, и посакуваме да дојдеме до таа историја. Максимално сум посветен на нашата селекција, не се осврнуваме на она што се случува во противничкиот табор а јас сум убеден дека нашите фудбалери ќе ја израдуваат нацијата“.

Се вчитува...