Ангеловски: Одиме на победа против Израел

Фудбалската репрезентација на Македонија ги стартуваше подготовките за двата квалификациски натпревари против Израел и против Летонија на гостински терен. На првиот собир во хотел „Парк“ недостигаа петмина фудбалери, капитенот Пандев, Трајковски, Тричковски, Несторовски и голманот Димитриевски кои утре директно во Ашдод ќе му се приклучат на националниот тим.

Селекторот Игор Ангеловски очекува нашата селекција да биде на потребното ниво и да одигра многу подобро од последниот меч против Австрија.

„Имаме доволно време да ги анализираме, следиме што се случува во нивниот табор, имаат проблеми во составот, вчера стоперот Битон им се повреди. Ќе собереме информации потполно подготвени да влеземе на тој натпревар. Јас реков дека очекувам фудбалерите да бидат на она нивно препознатливо ниво, да бидеме на ниво на сите досегашни мечеви во квалификациите, исклучувајќи го само мечот со Австрија. Ние имаме 2-3 формации во зависност од противниците, но не отстапувам од онаа базична тактика“, изјави Ангеловски.

Проблем е малата минутажа на одредени репрезентативци.

„Мене ми е жал што неколку играчи не се стандарни во своите тимови, ќе ми беше многу полесно. Жалам што не игра Велковски, за мене е одличен фудбалер. Муслиу играше за Шкендија, направи трансфер, па не играше, и сега еве заигра. Проблем е и Стефан Ристовски кој го нема на почетокот од сезоната. Не се предаваме, се додека постојат теоретски шанси да бидеме втори, јас ќе барам од играчите да го бркаме тоа место. До крај одиме на секој меч на победа, дали ќе биде за подобар пласман или за подобра подготовка во Лигата на Нации со Косово, сеедно. Овие момци досега покажаа дека не познаваат фаворити и јас верувам дека ќе бидат на нивото“, истакна селекторот Ангеловски.

Бобан Николов смета дека е важно како ќе одигра Македонија, а не противниците.

„Не очекуваат два многу тешки натпревари, мислам дека можеме да ги добиеме и двата, зошто да не. Сакаме уште да се докажуваме и да покажеме дека тоа беше само слаб ден со Австрија. Но, што било поминало, сега е најважно што не чека понатаму, оваа репрезентација многу ветува и покажала квалитет. Не одиме да се браниме, одиме на победа, мило ми е што играчите се здрави, едвај чекам да ги видам моите колеги, и мислам дека заедно ако се сплотиме, мислам дека нема да имаме проблеми. Ако бидеме фокусирани како со Полска, ќе немаме проблем. Најважно е како ние ќе одиграме, а не противниците“, изјави Бобан Николов.

Македонскиот национален тим попладне ќе одржи тренинг во комплексот на ФФМ, а утре заминува за Израел.

Се вчитува...