Ангеловски по преспиената ноќ: Заборавете на еуфоријата, сега веќе мислиме на Естонија

Македонија е на само чекор од историски прв пласман на големите натпреварувања откако во полуфиналето од плеј-офот од Лигата на нации го совлада Косово со 2-1. И покрај големата еуфорија која ја донесе победата над Косово, селекторот Игор Ангеловски ја спушта топката, потенцирајќи дека ништо не е завршено и веќе од денеска мора да се мисли на следниот меч, оној против Естонија во новото издание од Лигата на нации.

„Се израдувавме на победата над Косово, но тој натпревар е веќе минатао. Мора да заборавиме на еуфоријата бидејќи работата се уште не е завршена. Не очекува тој историски натпревар против Грузија на 12. ноември, но прво мора да мислиме на следните два меча. Цел ни е првото место во групата во Ц Лигата на нации. Не очекуваат два меча во овој прозорец. Прво мора да мислиме на Естонија, многу е важно да освоиме бодови и на ова гостување, а потоа повторно играме со нашиот добар познаник Грузија, тука на арената „Тодор Проески“. Чекор по чекор одиме. Има време за еуфорија, прво да оствариме резултати кои ги сакаме и да се пласираме на крајот на тоа Европско првенство“, изјави Ангеловски. 

Следен противник на Македонија е Естонија на 11. октомври во Талин, а потоа ја пречекуваме Грузија на 14. октомври во Скопје во предигра на далеку позначајното финале следниот месец. Историскиот натпревар за пласман на ЕВРО 2021 против Грузија „црвено-жолтите“ ќе го играат на 12. ноември на „Динамо арената“ во Тбилиси.

Се вчитува...