Ангеловски: Се надевам дека со Грузија ќе се сретнеме и во финалето за пласман на ЕП

ЕКИПА во Тбилиси, Грузија

Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Игор Ангеловски е сигурен дека неговите избраници ќе одиграат уште еден натпревар согласно посакувањата, како и секогаш, на нова победа во Лигата на нации и на гостувањето против Грузија во Тбилиси.

Македонија на стартот од Лигата Ц во Лигата на нациите не блескаше но славеше против Ерменија во Скопје со 2-1. Сега, со нови желби за продолжување на победничката серија без разлика на тоа што се игра под специфични услови во пандемиски период по долга пауза која неизбежно остава трага на сите фудбалери.

„Се работи за две селекции кои сигурно посакуваат победи. Ние максимално ја почитуваме Грузија, но секако не отстапуваме од нашите цели да одиме на победа на секој натпревар. Така ќе биде и утре затоа што верувам во овие момци, верувам во нашите амбиции. Можеби според некои не одигравме на посакуваното ниво со Ерменија, но најважна е победата“ – истакна Ангеловски на прес-конференцијата во Тбилиси, дополнувајќи дека посакува со Грузија да се сретнеме оваа есен во еден поважен натпревар за пласман на ЕП.

„Се надевем, ете, дека ќе се случи тој натпревар од финалето во Лигата на нации кој ќе одлучува околу патникот за ЕП. Посакувам ние во полуфиналето да победиме со Косово, а ете Грузија нека победи со Белорусија, па да се сретнеме во финалето. А тука да победиме“.

Натпреварот меѓу Грузија и Македонија се игра утре со почеток од 18 часот на националната арена „Динамо“ во Тбилиси.

Се вчитува...