Ангеловски се жали: За Македонија е проблем што Елмас не игра за Наполи

Игор Ангеловски не крие дека е загрижен од минималната минутажа што Елиф Елмас ја има во Наполи по тренерската смена на италијанскиот вицепрвак. На два месеци до баражот со Косово, македонскиот селектор во изјава за италијанските медиуми потврди дека очекува Елмас да влезе во топ-форма преку честите настапи за Наполи.

„Нема да кријам, за Македонија е проблем што Елмас игра многу малку за Наполи во последно време. Сакаме да испишеме историја и да играме на едно европско првенство, а за да бидеме во топ-форма неопходно ни е фудбалерите да бидат стандардни во своите клубови. Мислам дека Елмас може да се снајде во формацијата 4-3-3 на Гатузо, и тоа на позиција што е поприродна за него. Се слушнав со Елис по победата над Лацио, да му честитам на големиот триумф. Беше пресреќен бидејќи се најде на теренот, иако влезе како резерва. Јас како селектор на Македонија знам дека тој поседува огромен потенцијал, се надевам дека Гатузо ќе го увиди тоа и ќе му даде шанса“, изјави Ангеловски за „Радио Марте“.

Елмас одигра одлично на последните средби од квалификациите за ЕП 2020, па јасно е дека ќе биде меѓу главните адути на Македонија на баражот со Косово.

Се вчитува...